Прајминистерот Турнбул смета дека Трамп губи време со критиките кон медиумите

Американскиот претседател Доналд Трамп си го губи времето, напаѓајќи ги медиумите за нивните критички текстови за активностите на неговата Влада, изјави австралискиот прајминистер Малколм Турнбул, цитиран од британските медиуми.

Откако стапи на должноста, на 20 јануари, Трамп неколку пати медиумските критики врз него ги оцени како „лажни вести" и медиумите ги нарече „опозициска партија", потсетуваат американските медиуми.
Турнбул, чиј однос со Трамп беше одбележен со исклучително тешка прва средба, кажа дека 45-от американски претседател треба да престане да се фокусира на медиумите.
- Многу големиот британски политичар, Винстон Черчил, некогаш имал кажано дека политичарот кој се жали од весниците е како морнар кој се жали од морето, изјави Турнбул пред новинарите во Нов Зеланд.
Според австралискиот прајминистер, нема смисла критиката кон медиумите затоа што „тие се дел од животот и ние преку нив треба да ги протуркуваме нашите пораки".