Што вели науката за предностите и ризиците од обрежување

Австралиските истражувачи велат дека обрежувањето може да биде корисно колку и вакцинацијата при заштита на момчињата од одредени инфекции.

Тие велат дека овој зафат има свои предности над ризиците и тоа во однос 200 спрема еден, како и тоа оти необрежаните мажи имаат дури 80 одсто поголеми шанси да добијат некое заболување поврзано со кожичката на пенисот. Во текот на животот, секој втор необрежан маж добива некоја инфекција поради кожичката, вели водачот на студиите д-р Брајан Морис од универзитетот во Сиднеј. Од друга страна пак, слични инфекции се јавуваат дури кај еден од 250 обрежани. Освен тоа, обрежувањето, како што покажуваат истражувањата, не остава негативни последици врз функцијата на пенисот, сензитивноста, како ни кај можноста да се постигне возбуда и задоволство. Студијата ја спроведоа експерти од универзитетите во Сиднеј, Нов Јужен Велс и неколку универзитетски болници. Тие беа фокусирани на тоа како обрежувањето влијае врз уринарните инфекции, воспални состојби, сексуално преносливи болести и генитален канцер, како и ризикот кој овој зафат го носи ако се направи во рано детство. Козметичкото обрежување моментално е забрането во австралиските болници, но зафатот може да се направи приватно. Процедурата се смета за „генерално безбедна", но постојат некои ризици од компликации. Д-р Морис вели дека обрежувањето некогаш била посакувана интервенција и повикува на нејзино враќање во јавните болници. „Голема е користа, а мал е ризикот од рано обрежување, а е подеднакво корисно како што е вакцинацијата" – рече тој.