Австралиската микронација доби нов принц

Микронацијата која се наоѓа во Западна Австралија доби нов лидер од кога 91 годишниот самопрогласен принц абдицираше поради лоша здравствена состојба.

Иако многумина не ни знаат за оваа „земја", вистината е дека принцот Леонард, самопрогласениот лидер на провинцијата Хут Ривер, својот имот го прогласи за нација, од кога во 1970 година се „отцепи" од Австралија. Имено, тој тогаш се скарал со австралиските власти околу квотата за пченица и одлучил дека повеќе не сака да живее во Австралија. По повеќе од 46 години „владеење", принцот Леонард абдицираше во корист на својот син принцот Греам. Инаку микронациите се самопрогласени држави кои не се признати од светските влади, а една од најпознатите е Силенд која се наоѓа на офшор платформа во Северното море. И додека Леонард, Хут Ривер, ја нарекува и кнежевство, оваа микронација има свое знаме и валута. Се протега на површина од 75 квадратни километри и австралиската влада не ја признава. Тука се уште важат австралиските закони, иако принцот Леонард одбива да ги признае. Всушност тој на државата од 1970 година и должи данок од дури $1,6 милиони, од кога престана да соработува со даночните власти на Австралија. Инаку, принцот Леонард најчесто живее од туристи кои плаќаат три долари за влезна виза и разгледување на неговото кнежевство. На туристите им се претставува како глава на семејството принцеви и тој лично ги води туристите во разгледување на имотот.
Преземајќи го кормилото на Хут Ривер, принцот Греам рече дека желба му е што повеќе жители да се доселат во нивното кнежевство, за да заедницата може да се развива.
„Се надеваме оти во иднина ќе има складен однос со австралиската држава и нејзиниот народ" – рече принцот Греам, додавајќи оти се надева во следните пет години дека најмалку 1000 луѓе би можеле да се населат во неговото кнежевство.