Сенаторката Хенсон повика на референдумско изјаснување за носењето бурка

Полин Хенсон побара да се одржи референдум, на кој народот ќе се изјасни дали да се забрани носењето бурка, нарекувајќи ја Австралија „патетична" поради откажувањето од своите вредности за да ја дозволи муслиманската облека.

Австралиската сенаторка и лидер на ултрадесничарската партија „Една нација", Полин Хенсон денеска во Парламентот се појави облечена во бурка, како дел од нејзината кампања за забрана за носење на таа облека на муслиманските жени.
Таа побара да се одржи референдум, на кој народот ќе се изјасни дали да се забрани носењето бурка, нарекувајќи ја Австралија „патетична" поради откажувањето од своите вредности за да ја дозволи муслиманската облека.
- Дали сме толку патетични како нација што се откажуваме од нашите вредности и кои сме навистина ние што сме загрижени за повредувањето на нечие чувство?, истакна сенаторката во австралискиот Парламент.
Хенсон 20 минути седеше прекриена со црната наметка, а потоа ја соблече и повторно побара забрана за носење бурка на јавните места поради безбедносни причини.
Јавниот обвинител Џорџ Брендис го осуди ваквиот потег на Хенсон и ја предупреди за навредување на верските заедници.
Австралиската ултрадесничарска сенаторка води антимигрантска политика и остро се спротивставува на градење џамии во земјата.