Австралија стана 25. земја која озакони истополови бракови

Австралискиот парламент речиси едногласно го усвои новиот закон, со кој се легализираат истополови бракови. Австралија со тоа стана 25. држава во светот која овозможува брак на двајца луѓе, без разлика на нивниот пол.

Претставничкиот дом го изгласа законот, кој претходно доби голема поддршка од јавноста на неофицијалниот референдум. Против него се изјаснија само четворица пратеници.
Законот треба да го потпише генералниот гувернер Питер Косгроув, претставник на кралицата Елизабета Втора од Австралија, што се очекува да се случи во текот на следните денови.
За законот гласаа 146 од 150 пратеници во Долниот дом, а во Горниот дом гласаа со 43 гласа „за" и 12 „против".
Граѓаните истовремено се изјаснија за хомосексуални бракови по пат на пошта, што траеше неколку месеци.
Речиси 63 отсто од 12,7 милиони учесници во гласањето гласаа за хомосексуалните бракови, што е ретка процедура која им овозможува на гласачите да се изјаснат по ова прашање.
„Австралија го направи тоа. Денеска гласавме за еднаквост, љубов, за повеќе венчавки, посветеност и почитување. Тоа е Австралија: праведна, различна, сакана и полна со респект", кажа прајминистерот Малколм Турнбул. Јавниот обвинител Џорџ Брендис изјави дека хомосексуалните двојки ќе можат да се венчаваат најрано од 6 јануари 2018 година.
Првата земја која легализираше геј бракови беше Холандија во 2001 година, по што нејзиниот пример го следеа САД, Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Шпанија, Португалија, Јужна Африка (единствена во Африка)...