Османлиските архиви докажаа: Македонија никогаш не била грчка!

Во 1993 година воздухопловниот генерал Ердоан Езнал (Erdoğan Öznal), во тој миг раководител на Институтот за историско и стратегиско истражување на труската армија, во Анкара ја издаде книгата под наслов "Македонија не е Грција".

За неколку месеци таа книга беше преведена и издадена во Република Македонија од страна на издавачката куќа "Матица македонска" и предизвика огромен интерес. Во оваа книга на 81 страници авторот претставува дел од османлиските архиви за границите на Македонија во рамките на Отоманската империја, табеларни прикази за бројот на жителите, територијата како и пописот на населението од 1904 година за тоа кои народи живеаат во Македонија и колкав е бројот на жителите пооделно за секој од нив.
Во книгата "Македонија не е Грција" се опфаќа за геноцидот врз Македонците од 1913-1918 година, кој е многу поголем од голготата во 1948 година во Егејскиот дел на Македонија, под Грција.
Генералот Езнал објасни како дошло до тоа да настане книгата.
Грција лаже кога тврди дека во неа не живеат Македонци, дека таков народ не постои ниту пак дека има малцинство со такво име.
"Во 1993 година бев шеф на оперативните активности во турскиот Генералштаб и раководител на Националното воено здружение на Турција кое беше една од 35-те членки на Здружението за меѓународна воена историја. Бев поканет во Грција на симпозиум за Балканските војни, на кој Турција, како земја против која се водеа Балканските војни, беше централна тема. За таа една недела, секаде слушав и гледав една иста реченица: 'Македонија е Грција'. Таа беше напишана на брошури, книги, на транспаренти по ридовите на Атина, ја изговараа сите Грци. Кренав рака и пред 150 присутни на симпозиумот реков: 'Македонија не е Грција'. Жена ми за време на паузата ме прекори: 'Престани, оти Грците ќе те истепаат'. Но реакција немаше. Сите молчеа, не сакајќи да си прават проблеми. Тоа уште повеќе ме иритирше. Кога се вратив во Турција реков дека ќе напишам книга во која ќе покажам дека ни историски, ни географски, ниту пак етнички, Македонија не е Грција", објаснува генерал Езнал.
Книгата ја напишал за помалку од еден месец.
"Веднаш по објавувањето, на приватна средба грчкиот аташе во Турција ме праша каде да ја најде книгата, но не ми одреагира. Во грчките медиуми пишуваше - како може официјален претставник на една држава да пишува ваква книга, и такви текстови се појавуваа со недели", вели Езнал.
Она што најмногу ги заболело Грците е фактот што, иако ставовите во книгата не се на официјална Турција, книгата е печатена во печатницата на турскиот Генералштаб и со тоа добива полуофицијален карактер.
"Кога ја пишував книгата бев главен на воените историчари, иако јас не сум историчар по вокација, туку воен пилот. Во Воениот архив имав на располагање 8 милиони документи од 1853 година до 1974 година. Таму најдов дека од 1453 година кога султанот Мехмед Втори Фатих го освоил Истанбул, па сe до почетокот на 19 век македонскиот народ бил оставен да живее под Грчката патријаршија. Бидејќи македонскиот народ бил под посебна пресија за асимилација, на 11 март 1870 на Македонците им се дозволило да формираат своја црква, што говори дека Македонците и тогаш биле посебен народ", вели Ознал.
"Македонскиот народ историски и етнички е посебен народ", "Секој народ сам си го избира своето име", "Македонскиот јазик е единствен", "Грција го лаже Балканот", "Грчките аспирации кон Македонија", "Историските, културните и етничките вистини на Македонците треба да се признаваат", се дел од насловите на поглавјата во книгата.
"Заменик-државниот секретар на САД Строб Талбот во тоа време рече: 'Грција е новиот бик на Балканот што ја напаѓа Македонија'. Во книгата покажав дека не држи тезата оти Македонија била, е и секогаш ќе биде грчка. Грците велат: Нема македонска нација, нема македонски јазик, Македонците се грчки, антички племиња, Македонија е повеќе од 4.000 години комплетно грчка култура. Античките Македонци се Грци. Сегашните Македонци се словенски племиња, а Македонија никогаш не била држава во историјата. Јас во книгата давам контрааргументи и прашувам: Кои сте вие да наметнувате име. Грција успеа Македонија да се именува како 'Поранешна Југословенска Република Македонија'. Во време на Османлиската Империја, Грција беше административна област. Значи неа сега треба да ја викаме 'Поранешна Османлиска Република Грција' , а истото важи и за Бугарија и за Србија", укажува Езнал.
"Во весникот 'Напредок' што излегува во Солун, а се печати на француски јазик, во бројот што излезе на 26 октомври 1926 година, се констатира дека егејскиот дел на Македонија целосно се погрчил. Во големата енциклопедија на Грција на страница 410 се вели:'Со вселувањето на Грците што се иселија од Турција во егејскиот дел на Македонија извршивме еден голем патриотски долг'", забележал Езнал во книгата.

Генерал Езнал има македонски корени - татко му е роден дојранец, кој за време на Балканските војни со родителите бега за ТурцијаГенерал Езнал има македонски корени - татко му е роден дојранец, кој за време на Балканските војни со родителите бега за Турција

Релевантни податоци за менувањето на етничката слика

"На пописот во 1904 година МАкедонци во Егејскиот дел ги имало 896.494, во 1913 година - 329.371, а на пописите во 1926 и 1940 година веднаш ги снема. Каде отиде македонскиот народ, што стана со него?", прашува во книгата Ознал, поаѓајќи од бројките од првиот попис што во 1904 го извршил генералниот инспектор за Македонија Хусеин Хилми паша, во трите дела на Македонија.
Според турските архиви, турскиот Генералштаб располага со фрапантни податоци за масовен егзодус на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, присилно протерани во Бугарија во периодот 1913-1918. Подоцна, до 1924 година се врши "доброволна размена" на население.
Протерани Македонци од Егејскиот дел на Македонија по населени места: Кукуш 18.989, Серес 11.404, Зрнево 11.223, Демир Хисар 10.576, Сланик 7.285, Вардарски долен дел 7.257, Герман 5.195, Драма 4.233, Кесри 3.577, Селаник 1.782, Лерин 1.676, Лагадин 1.581, Зенес 1.442, Меглен 1.233, Воден 449, Кавала 381, Нигри 326, Бер 114, Ѓунеи 285 итн.
Според податоците, само во периодот од 1913 до 1928 година од Македонија биле присилно раселени 86.582 Македонци во Бугарија, а на нивните огништа доселени Египќани, Евреи и Власи. По ова може слободно да се каже дека Македонците го имале во овој временски период доживеано првиот егзодус. Во нивното протерување била применета сила, а околу 8.000 Македонци биле стрелани затоа што се спротиставиле на прогонството.
Според турските архиви Македонија во периодот од 1513 година па се до 1928 година се простирала на територија од 69.000 км2 или поточно 34.000 км2 Егејскиот дел на Македонија, 27.000 км2 Вардарскиот дел и 8.000 км2 Пиринскиот дел на Македонија.
"Во 1990 година службите за човекови права во САД јавно проговорија дека Македонците како што ги има во Република Македонија, во Бугарија и во Албанија, ги има и во Грција. Иако Грција беше бесна, оваа констатација за постоењето на Македонци во оваа земја беше од голема полза светот да ја дознае вистината. Ако не постоеше овој народ и оваа нација, зошто Караманлис во 1992 леејќи крокодилски солзи на аеродромот во Солун рече дека Киро Глигоров ќе се кае за она што го вели и што го прави", стои во книгата издадена 1993 година.