„Не му го давам мандатот на Заев заради платформата што е направена во туѓа држава!”

Иванов го блокира новото парламентарно мнозинство да направи влада
Претседателот Ѓорге Иванов во средата објави дека нема намера мандатот за составување влада да му го даде на Зоран Заев. Процесот за формирање на парламентарно мнозинство заврши, но сега е блокирано формирањето на влада.

„Пред два дена ми беше доставен доказ дека СДСМ има собрано потписи за мнозинство. Во тој момент им честитав на партиите бидејќи тоа е важен чекор, но денеска го поканив лидерот на СДСМ на консултативна средба за одлуката за мандатот. На средбата го запознав со сите правни мислења од правните експерти. Според правните експерти, проблем се роковите кои се предвидени во Уставот.
Освен тоа пречка е и постизборната политичка платформа, платформа која е изработена и потпишана во туѓа држава и има за цел да ги сруши унитарноста и државотворноста на Македонија. Содржината на платформата е надвор и од уставен и од секаков поредок. Се загрозува суверенитетот на државата, Македонија е уценета а сувереноста и унитарноста на државата се загрозени. Наместо конечно да излеземе од политичка криза, со оваа платформа ние влегуваме во поголема политичка криза. Долго време очекував дека одредени политички партии ќе покажат државотворност и ќе одбијат, но тоа не се случи. Тие почнаа да лицитираат со платформата, не сфаќајќи дека лицитираат со државата и државните интереси. Граѓаните имаат право да ја знаат содржината од разговорите и од она што го пишува во платформата. За време на средбата со Заев побарав тој да ја осуди и одбие платформата, која освен што е спротивна на Уставот на Република Македонија, тоа е и казниво дело според Кривичниот законик", рече Иванов.
Тој додаде дека од меѓународната заедница очекувал јасно и јавно да ја осуди платформата, но бидејќи тоа не се случило, Иванов сега очекува меѓународната заедница да се воздржи од предлагање решенија кои се во спротивност со интересите на државата.
„Ваквиот празен молк ни потврдува дека иднината на Македонија зависи само од нас. Оваа платформа е негирање на суверенитетот на Македонија. Во Република Македонија, суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Ова се сериозни моменти од историјата на Македонија. Сакам да ве уверам дека можете да бидете спокојни, се додека сум претседател нема да дадам мандат на партија или човек кој во својата програма има платформа за рушење на државата", изјави Иванов.