МПЦ годинава ќе прогласи вкупно тројца нови светители

Со прогласување вкупно тројца нови светители до крајот на оваа година Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе ја одбележи 50-годишнината на прогласувањето на нејзината автокефалност.

Канонизацијата на игуменот Kипријан во слепченскиот манастир „Свети Јован Претеча" во Демирхисарско практично нема да биде класична канонизација, туку прифаќање на неговото канонизирање од Бугарската православна црква и впишување во црковниот календар на МПЦ. МПЦ ќе подготви житие и сите придружни елементи за славењето на светецот, бидејќи БПЦ веќе го има Kипријан Слепченски прогласено за светец.
По ова, на 28 мај годинава македонските владици за светител ќе го прогласат епископот Гаврил Светогорец, чија канонизација се очекуваше уште од порано. Тој е роден со световно име Мијалче Парнаџиев на 10 март 1926 година во Штип, каде што завршил основно и средно образование. Од 1944 година бил учесник во НОВ. Поради големата ревност во службата и примерното однесување бил предложен и за прием во KПЈ, но поради тоа што „одел в црква" изостанало примањето во членство. Потоа се запишал на факултетот за ликовни уметности во Белград. По дипломирањето, во 1955 година, работел како професор по уметност и историја на уметноста во гимназијата и во Учителската школа во Штип. Од 1963 година почнува вториот период од животот на Гаврил откако заминал на Света Гора. Тој ги посетил сите манастири во Света Гора, а најмногу се задржал во рускиот „Kамена". По враќањето во Македонија, Гаврил престојувал во повеќе манастири, а на 28 август 1989 година е хиротонисан во епископски чин, со титула епископ велички.
Епископот Гаврил, во круговите на МПЦ, па и пошироко, е познат како редок испосник и подвижник, кој починал на 12 јануари 1990 година, во својата скромна ќелија во Лесновскиот манастир. За името на овој светител се поврзува и чудото со оздравувањето на малата Лора, која имала многу здравствени тегоби за кои дотогаш не и помогнало лекувањето по болниците. Откако и била исчитана молитвата во манастирот и откако била намачкана со маслото од кандилото од гробот на овој светител, утредента веќе била здрава.
Архимандритот Јоаникиј најголемиот дел од својот живот го поминал во манастирот во Ракотинци. Тој умрел во 1940 година, во 102-та година од животот. Бил погребан на црковните гробишта. Но, во 1946 година, под дејство на водите, неговиот гроб бил откриен. Мештаните виделе дека телото е нераспаднато, иако во нормални услови човечкото тело во земја целосно се распаѓа по три години. За него се врзуваат бројните чуда, а неговиот култ е раширен во Бугарија и во Грција.
Од прогласувањето на својата автокефалност во 1967 година МПЦ-ОА досега двапати прогласи светители што потекнуваат од македонска почва. Прво тројцата преподобномаченици Евнувиј, Паисиј и Аверикиј, во манастирот „Света Богородица пречиста", кај Kичево, а потоа и на светите 40 битолски преподобномаченици во Битола. Тие биле млади продуховени и просветлени монаси од повеќе манастири и скитови, кои во 14 век, односно на 9-тиот ден од март во 1385 година од тогашните османлиски власти биле осудени на смрт и животот го загубиле на Баирскиот Рид во Битола, каде што денес се наоѓа манастир што го носи нивното име.
Меѓу најпознатите православни христијански светители што потекнуваат од македонска почва се светите рамноапостоли Kирил и Методиј, Kлимент Охридски, Наум Охридски, Прохор Пчињски, Јоаким Осоговски, Јован Kукузел, Ѓорѓи Kратовски, Злата Мегленска, Агатангел Битолски...
- Со светителите што наскоро ќе бидат канонизирани ќе има околу 18 светители што потекнуваат и чии дела се вразани со Македонија. Со оглед на бројот на македонското население, ние сме меѓу водечките земји во православниот свет. Другите православни земји не можат да се пофалат со толку светители – вели Михајло Георгиевски, автор на книгата „Македонските светци".
Дел од овие светители се чествуваат во повеќе помесни православни цркви, а дел само во рамките на МПЦ-ОА. Тоа зависи од одлуките на секоја од православните цркви, а кои се раководат со тоа колку култот на одреден светител е проширен и на нејзината црковна територија.
- Православните цркви сами решаваат кои светители ќе влезат во нивни црковни календари и ќе ги прославуваат во текот на годината. Така се случува некои да се чествуваат во повеќе цркви, а некои само во една – вели владиката Тимотеј. ("Дневник")

И други личности чекаат канонизирање
Според сознанијата, на листата со нови светители се уште чекаат три-четворица личности што оставиле длабока трага во македонска црковна историја. Меѓу нив е и монахот аџи Теофил, роден во 1838 година во Лазарополе, кој смело и решително војувал против грчката патријаршија и бугарската егзархија за осамостојување на македонските епархии и нивно обединување во единствена црковна институција што би се потпирала на старите македонски црковни традиции и изворишта.