Од септември почнува обновата на Универзалната сала

Од септември се очекува да почнат градежните зафати во Kонгресниот центар „Александар Македонски" (Универзална сала) во Скопје, за целосна реконструкција на постојниот објект и доградба на нови сали, придружни простории и паркиралиште. Градењето ќе трае неколку години, ќе го финансира Владата преку Министерството за култура, кое веќе има обезбедено пари за активностите во оваа година.

Проектантската куќа ГИМ (Градежен институт Македонија) го работи проектот кој треба да биде готов во втората половина на мај.
- Скопје конечно ќе добие нов конгресен центар, кој ќе го задржи постојниот облик на полутопката, а ќе бидат доградени нови сали, кои ќе ги збогатат можностите за манифестации. Веќе се чувствуваат празнина и потребата за ваков простор за настани - изјави градоначалникот Kоце Трајановски.
Министерката за култура Елизабета Kанческа-Милевска соопшти дека проектот предвидува обнова на централната сала, која се простира на 4.000 квадратни метри и има 1.400 седишта. Таа ќе добие нов ентериер, обновен влезен хол и фоаје, нова покривна купола и галериски простор, како и модерна сценска технологија и механика.
На дополнителни 4.000 квадрати сегашниот објект ќе го опкружуваат нови сали - повеќенаменска со 200 седишта, конгресна со 120 седишта, четири мултимедијални сали со 30 до 40 седишта и шест простории за билатерални средби. Ќе се доградат и простории за администрација и паркинг во две нивоа.