Судот не одобри притвор за Груевски, Јанкулоска, Јанакиески, Мијалков…

Како алтернативни мерки им се одземени пасошите и мора редовно да се пријавуваат во Судот.

На самиот истек на рокот од 18 месеци, Специјалното јавно обвинителство на 29 и 30 јуни поднесе обвиненија за 18 предмети. Поднесени се 17 обвиненија ("Тврдина" и "Таргет" се споени во едно). Со обвиненија се опфатени 94 лица и 7 фирми. Обвинетите во овие предмети се товарат за над 20 различни кривични дела вклучувајќи злосторничко здружување, даночно затајување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања, повреда на избирачкото право и уништување на изборен материјал.
Доказниот материјал со обемната документација, спакувани во десетици кутии, во четвртокот и во петокот беа доставени во Кривичниот суд. Се работи за случаите: „Титаник", „Тврдина", „Тенк", ТНТ", „Тортура", „Транспортер", „Тифани", „Тотал", „Триста", „Табла", „Трезор", „Топлик", „Тендери", „Таргет", „Тенк", „Тарифа", „Труст", „Траекторија" и „Тревник".
- Ова Јавно обвинителство всушност работи само 10 месеци. Денешните обвиненија се резултат на истрајноста на мојот тим на обвинители зад мене. Јас и мојот тим сме цврсто убедени дека во соодветна судска постапка ќе докажеме дека обвинетите ги имаат сторено кривичните дела кои им се ставаат на товар со поднесените обвиненија. Сакам да им се заблагодарам на моите колеги кои во изминатиов период на 2 месеци помалку беа дома отколку на работа и би сакала заедно со мене да им дадеме еден аплауз, бидејќи ни тие без мене, а и јас без нив немаше да можеме да ја завршиме оваа работа, рече обвинителката Катица Јанева на почетокот на прес-конференцијата и од присутните новинари го доби аплаузот.
Штама кога стана јасно дека се бара притвор за Груевски
СЈО побара притвор за 18 лица, меѓу кои за екс-премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, за поранешните министри Миле Јанакиески, Елизабета Канческа Милевска и Гордана Јанкулоска, за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, за Мартин Протоѓер, Владимир Пешевски, Драган Павловиќ – Латас...
Кога обвинителката Јанева рече дека "се бара притвор и за лидер на една партија", во салата настана штама. Присутните како да не можеа да поверуваат.
Со оглед на тоа што барањата беа итни, Судот веднаш ги зема во разгледување.
Освен притвор, СЈО бара мерки на претпазливост за 47 лица. Запрена е постапката за 18 лица.
Притворот за поранешниот премиер и лидер на најголемата опозициска партија, Никола Груевски е побаран во случајот „Титаник" каде тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и повреда на избирачкото право. Во овој предмет притвор е побаран и за поранешните генерални секретари на партијата Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски и поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.
За поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнување Сашо Мијалков, притвор се бараше во предметот каде се споија случаите „Тврдина" и „Таргет". Покрај него притвор се бараше и за началникот на Петата управа во УБК, Горан Грујовски. Мијалков е обвинет и во предметите „Трезор", „Титаник" и „Тортура".
СЈО побара притвор и за поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска за предметот „Тендери", поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски за предметот „Траекторија" и за новинарот Драган Павловиќ Латас за предметот „Тотал".
"Талир" и "Табла" продолжуваат да се истражуваат
Предметот за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, "Талир" не заврши со обвинение, но Јанева нема да се откаже од понатамошно истражување.
- За "Талир" имавме само два месеца и тоа е недоволно за предмет кој опфаќа повеќе години. Но, продолжуваме да го работиме како да нема рок, рече Јанева.
Истрагата ќе продолжи и за предметот "Табла" (незаконска изградба на школо во Зајас) кој е проширен за уште неколку лица, исто така високи функционери на ДУИ. За Јанева 30 јуни, последниот рок за поднесување на обвиненија не менува ништо. Таа со нејзиниот тим ќе продолжат со работа и преку независни и темелни истраги ќе обезбедат остварување на кривичната правда.