ГРУЕВСКИ: „Заврши нашата конструктивност“

Водени се од омраза, гнев и обврските кон налогодавачите. Но, ова нема така да помине. И, ако мислат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го преспие ова длабоко се излажале, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на прес-конференција веднаш по објавата на СЈО за поднесените нови 17 обвиненија и побарани притвори.

– Сакам да објавам дека конструктивноста, што некои ја нарекуваа попустливост во нашето делување, завршува денес. Сега е времето историјата да оценува и да суди зашто ние се плашиме само од судот на историјата, а СЈО ќе биде после некое време оној дел од историјата од кој ќе се срами секој што ја сака оваа држава, изјави Груевски.
- ВМРО-ДПМНЕ е нападната. Како никогаш досега во историјата на Република Македонија па и на цела Европа, не се случило вакво класично политичко гонење на политичките противници. Стотина лица кои се дел од органите или подржувачи на ВМРО-ДПМНЕ се гонети со цел партијата да се уништи или да се замолкне. Станува збор за политички, а не за правен процес.
СЈО одамна ја изгуби непристрасноста и кредибилитетот со својата работа и стана инструмент за политички прогон. СЈО не е обвинителство. СЈО е канцеларија на СДСМ. Најголем показател дека е политички процес, кој има политичка цел, е тоа што носи одлуки без никакви правни докази.
Целта е ВМРО. Целта е кршење на ВМРО, политичка елиминација и ставање под контрола за поголеми цели кои се потребни на оној кој го креираше овој процес. Сакам да им порачам: Нема да успеат. Нема да не скршат. Ние остануваме на бедемот на државата.
Нашиот грев е што цели 11 години бевме на браникот на одбраната на државните и националните интереси на Македонија, што одолеавме на многу притисоци и закани поврзани со името на државата, името на нацијата и јазикот, со идентитетот на македонскиот народ, што одолеавме на неприфаќање на потпишување на разни штетни за нашата нација договори, или пак спроведување на платформи на туѓи држави. Што се боревме за унитарноста на нашата држава, што се боревме да ја задржиме државата како што ја сака народот, а на како некои други што ја посакуваат, и што некој друг прифатил поинаку, па не знае како тоа да го изведе при силна и цврста ВМРО-ДПМНЕ со над 170 илјади членови и 455 илјади гласачи. Ќе повторам ова што се случува во Македонија го нема никаде на светот.
Овде очигледно не е само Никола Груевски во прашање, туку во прашање е една идеја за Македонија, силна, цврста и самостојна која сакаат да ја скршат и спемни на се заради тоа. Врхушката на СДС разјарени и полни со омраза се ситат на ова, но брзо ќе дојде денот кога ќе сфатат дека кругот се врти и продолжува да се врти и многу лесно од горниот дел може да се најдат во долниот дел на кругот.
Значи Заев не е криминалец, ниту уличарите на СДС не се криминалци. Тие на најгруб начин се обидуваат да наместат цела една гарнитура од околу 100 лица од нашата партија. Ова е класична политичка и антимакедонска конструкција. Иднината тоа ќе го докаже, како што ќе се докаже и историската одговорност која ја носат сите овие лица кои сега јаваат на бранот на еуфоријата, мислејќи дека времето почнува и завршува со нив и дека вечно ќе им трае ова ситно задоволство, рече Груевски.