Со Македонија во НАТО, ќе и биде подобро и на Грција

Грција се повикува на нејзината победа во Букурешт 2008,  а Македонија на победата пред Хашкиот суд во 2011Грција се повикува на нејзината победа во Букурешт 2008, а Македонија на победата пред Хашкиот суд во 2011

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас беше во еднодневна посета на Македонија. На средбата со неговиот домаќин, министерот Никола Димитров, била отворена темата за спорот околу името, но не се разговарало за конкретен предлог туку за начинот на кој ќе течат преговорите, беше официјално соопштено.

Македонскиот шеф на дипломатијата на заедничката прес-конференција со неговиот грчки колега изјави дека на состанокот разговарале за интересите и грижите на двете држави кои безмалку три децении неуспешно бараат решение на спорот за уставното име на Македонија.
Димитров уште еднаш го потврди ставот на македонската влада, дека таа цврсто ќе се придржува до договореното во Времената спогодба од 95-та година.
„Ние не сме среќни кога нечии големи мапи навлегуваат во територијата на Република Македонија, така се разбира, разбираме, дека Грција не е среќна кога некој мавта со големи мапи. Мислам дека е 2017 година, двата народа посреќно ќе живеат ако има мостови и отворени врати", рече Димитров.
Грчкиот шеф на дипломатијата беше мек и внимателно ги бираше своите зборови, истакнувајќи дека, посакува спорот за името да се реши со исто темпо и брзина како што беа надминати разликите со Бугарија и беше потпишан договорот за добрососедство. Коѕијас сепак ги потврди познатите грчки позиции дека, мора да се исполни условот поставен на самитот во Букурешт, а тоа е компромис меѓу двете земји околу спорот за името. Грчкиот министер меѓу другото вети поддршка за влезот на Македонија во НАТО од страна на Грција.
„Грција е за стабилноста на нашите земји и врски. За неменување на граници и на едната и на другата земја, за суверенитетот на секоја држава во нејзиниот простор. Исто така сме за развојот на целиот Западен Балкан. Ние веруваме длабоко дека влегувањето на Западен Балка, а посебно на вашата, пријателска земја, во НАТО ќе биде олеснување и за нашиот живот и ќе помогне за развојот на целиот регион", додаде грчкиот дипломат.
По средбата во МНР, грчката делегација на чело со Коѕиас се упати кон владината зграда, каде се сретна со македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев. Подоцна грчкиот шеф на дипломатијата имаше средба со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, со претседателот Ѓорге Иванов, со собранискиот спикер Талат Џафери, сопретседателот на ДУИ Али Ахмети и лидерот на опозицијата Никола Груевски.
Посетата на Никос Коѕиас се смета за возвратна откако во јуни годинава Никола Димитров ја посети Атина. Тоа беше неговата прва посета во странство по стапувањето на функцијата министер за надворешни работи.