Колкумина од поранешната власт имаат пасоши со лажен идентитет?

Не е исклучена можноста сите високи функционери на ВМРО - ДПМНЕ да имаат документи со лажен идентитет, вели Александар Диневски, поранешен шеф во УБК.

Горан Грујевски, поранешниот шеф на Петатта управа во МВР освен во предметите на СЈО „Таргет" и „Тврдина" ќе треба да одговора и за злоупотреба на службената положба во случајот Владимир Варелов и за фалсификување патна исправа.
Тоа го велат поранешни функционери на МВР и на УБК кои тврдат дека намало никакви законски можности, а ниту оперативни Горан Грујевски, да добие двоен идентитет и да биде ангажиран како агент на тајната полиција, а уште помалку со патната исправа со лажен идентитет неограничено да влегува и да излегува во земјата. Патната исправа што со лажен идентитет им се издава на тајните агенти за разузнавачки операции е за еднократна употреба - по завршување на мисијата веднаш се поништува.
- Во дел од медиумите кои и се наклонети на поранешната власт има обиди да се релативизира скандалот со двојниот идентитет на Грујевски, поради што се шири тезата дека секој припадник на УБК има документ со двоен идентитет. Тоа не е точно. Користењето лажен идентитет не е непознато.Тоа го прават сите разузнавачки служби во светот и не е пропишано со законски или какви било други интерни акти, но се реализира под строго определени непишани правила и во исклучителни ситуации на ризични разузнавачки акции - изјави за "Плусинфо" Александар Диневски, поранешен шеф на аналитика во УБК.
Диневски тврди дека во таква разузнавачка акција на УБК, Горан Грујевски, како шеф на Петтата управа немало шанси да биде ангажиран, а патната исправа со лажниот идентитет на Владимир Варелов имала друга употребна вредност.
- Веднаш по неговото наименување за шеф на Петтата управа, сите соседни служби го имале неговото досие на маса. Невозможно е веќе такво лице да ангажирате за тајни акции. Плус тоа Грујевски воопшто не е оперативец. Тој беше на чело на управа која има чисто технички задолженија, тврди Диневски.
Тој за "Плусинфо" открива дека во 1992 година добил задача како таен агент со лажен идентитет да учествува со уште други двајца колеги во ризична разузнавачка акција во странска држава.
- Пасошот со лажниот идентитет го добив само еден час пред да тргнам во акцијата. Тој ги содржеше сите валидни елементи, имаше и печат и беше внесен во регистерот на МВР за издадени патни исправи, за да можам непречено да поминам на граничните премини. Се во него беше веродостојно, освен личните податоци - се присетува Диневски и нагласува дека пасошот му бил врачен непосредно пред да тргне во акција, а по завршувањето на мисијата веднаш морал да го врати во ДБК.
Диневски вели дека патниот документ што го користи тајниот агент во разузнавачка акција има еднократна употреба. Во случај агентот да биде повторно ангажиран за друга акција, се издава нов документ.
И Слободан Богоевски, екс-директор на тајната полиција изјави дека случајот Варелов, всушност ги открива подготовките на поранешното раководство на МВР за бегство од државата поради кривичните дела за кои се товарат.
- Нема ниту уставна, ниту законска можност припадник на МВР да користи двоен идентитет. Тоа е кривично дело, фалсификување патна исправа и показател како криминалната банда во поранешното раководство на УБК се подготвувала за бегство, вели за "Плусинфо" Богоевски.
- Задачата на оперативците на УБК е јасна - контраразузнавање и заштита на уставниот поредок на Република Македонија - категоричен е Богоевски кој ја исклучува можноста за какво било правно покритие за ангажман на македонски таен агент од УБК надвор од територијата на државата. - Во УБК тајни се само средствата и методите на работа, за другото треба да се бара одговорност од тие што издале патна исправа со лажен идентитет на лице вработено во МВР - смета поранешниот директор на Службата за државна безбедност.
Тој вели дека нема одредба ниту во Законот за внатрешни работи, ниту пак во подзаконските акти или правилници со која би се покрила приказната за двојниот идентитет на поранешниот шеф на Петатта управа.
И поранешниот министер за внатрешни Павле Трајанов смета дека станува збор за класична злоупотреба на оперативните можности на службите во УБК и нема никаква правна основа припадник на МВР да има двоен односно лажен идентитет.
- Припадник на МВР нема право на двоен, односно лажен идентитет. Таква одредба нема ниту во законот, ниту пак во кој друг подзаконски акт - вели Трајанов.
Тој потсетува дека двоен идентитет може да добие лице кое, како што пропишува Законот за кривична постапка, се јавува како заштитен сведок во некоја кривична постапка. Или во исклучителни и многу ретки ситуации кога оперативците на УБК, односно соработниците на службата добиваат одредени оперативни задачи, но по завршување на тајната мисија документот со лажниот идентитет веднаш се поништува.
Според порнешниот министер за внатрешни работи Трајанов, станува збор за класична злоупотреба на оперативните можности на службите во УБК и нема никаква правна основа припадник на МВР да има двоен односно лажен идентитет.

Грујевски неколку пати влегол во Србија и Бугарија како Владимир Варелов
Поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, само неколку дена пред да му биде потврден притворот, неколкупати ја напуштил и влегол во Македонија со тајниот идентитет - објави "Телевизија 24".
Тој патувал со тајниот идентитет во периодот кога бил на боледување, односно само неколку дена пред Врховен да го потврди притворот за него – брифираат истите извори. Според нив Горан Грујевски како Владимир Варелов повеќе пати влегол во Србија и Бугарија. Грујевски не го искористил тајниот идентитет откако важи мерката притвор и е распишана меѓународната потерница.
По обелоденувањето дека поранешниот началник на петтата управа во УБК поседува двоен идентитет, во медиумите беше лиферувано дека ја напуштил државата и дека е можно да се наоѓа во Босна и Херцеговина.
МВР нема сознанија дали бегалецот Горан Грујевски поседува двојно државјанство, но на потерницата со која се трага по него пишува дека е роден во босанскиот град Бихаќ, што го отвори прашањето дали бегалецот поседува и босанско државјанство.
Поранешниот шеф на Петтата управа, Горан Грујевски и поранешниот началник во УБК, Никола Бошковски веќе над 40 дена се во бегство, а досега полицијата чешлаше локации во неколку градови за кои постоеле сознанија дека се можни прибежишта. Никола Бошковски е роден во Скопје и за него нема информации дали можеби поседува уште едно државјанство или двоен таен идентитет. Кога судот ја потврди одлуката за притвор, на налогот му требаа 4 часа да пристигне до полицијата, што им даде доволно време на обвинетите да избегаат.

Кој е вистинскиот Владимир Варелов?
Неофицијалната верзија врзана за името Владимир Варелов е дека станува збор за припадник на елитната полициска единица Единица за брзо распоредување (ЕБР). Варелов, наводно, претходно работел во АРМ кога се зацврстило пријателството со Грујевски во периодот кога тој беше во армијата пред да премине во ДБК кога на чело на оваа институција дојде Сашо Мијалков. За Варелов, неофицијално се дознава дека подоцна работел и во граничната полиција, како и во Петтата управа. Неофицијалната верзија за полицискиот специјалец Варелов, МВР досега не ја демантираше.