„Тврдокорни“ побараа аболиција за уапсените по упадот во Собранието на 27 април

Со протестен марш во Скопје „Тврдокорните" побараа аболиција за, како што велат, уставобранителите кои со упадот 27 април во Собранието сакале да ја бранат државата, а не да убиваат.

Тие побараа и разјаснување на законот за јазици, наводните кампови за мигранти и бугаризацијата.
Протестот почна од Соборниот храм и продолжи кон владината зграда, а заврши пред Собранието и Споменикот на бранителите.
Претседателот на здружението, Драган Угриновски, ги повика граѓаните да излезат помасовно и да им дадат поддршка. Иако протестот беше преставен како непартиски и граѓански, на него зборуваше Јанко Бачев од Народното движење на Македонија кој соопшти дека трипати досега поднесувале барање за закон амнестија за учесниците во настаните во Парламентот на 27 април, и трипати тоа им било одбиено од претседателот на Парламентот Талат Џафери.
Според негова оценка, тие што упаднаа во Парламентот не се терористи туку луѓе кои го бранеле Уставот и никој не влегол таму заради насилство против лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Претставници на „Тврдокорните" од Општина Кисела Вода известија, исто така, дека побарале од шефот на државата, Ѓорѓе Иванов, да ги ослободи сите што се во затвор поради 27 април, бидејќи се патриоти и бидејќи „имаат деца што сакаат да ги гушнат". За нив новата влада е незаконска, нелегитимна и неуставна, со порака дека не ја признаваат.
Притоа се слушнаа и пароли како „Да ја спасиме Македонија, да го спасиме јазикот", „Ќе се бориме до последна капка крв, до последен здив" и слично.
„Тврдокорните" следниот протест го најавија за 13 септември кога ќе се носи законот за јазици.

НОНКОВИЌ: „Тврдокорни" е фантомска организација зад која стојат Оливер Спасовски и СДСМ
Знаете кои се т.н. „Тврдокорни"? Знаете барем еден од таа т.н. „организација", која само виртуелно е позната со повици на социјалните мрежи?
Никој не знае!
И така сите како телиња ќе одите на т.н. „протест за аболиција на патриотите од собраниските настани од 27. април", организиран од за никого позната организација?
Речиси сите од обвинетите патриоти за собраниските настани се од некоја од нам добропознатите Македонски патриотски здруженија (МПЗ). И не се сети никој од МПЗ „Андон Лазов Ќосето", како најбројно патриотско здружение да организира ваков протест? Или од македонското крило во МПЗ „Тодор Александров", кое на сите ни е добро познато?
Драги пријатели.
Ќе ми поверувате ако ви кажам дека т.н. „Тврдокорни" е фантомска организација зад која стојат Оливер Спасовски и Магдалена Несторовска, водечкиот СДС-двоец во Министерството за внатрешни работи! Дека меша прсти и Стојанче Ангелов, како и некои од телохранителите на Зоран Заев што се уште се претставуваат како „ветерани на ВМРО"?
Дека на т.н. „Тврдокорни" им се сошиени униформи во „Тетекс"-Тетово со кои дел од нив треба да испарадираат и да уплашат народ, т.е. да се види дека патриотите се пара-воено или пара-полициска организација кои не само што не треба да ги фалиме, туку и да се згнасиме сите од нив...
(ФБ статус на новинарот Бобан Нонковиќ)