ДИК: Не може референдум и локални избори во ист ден

Државната изборна комисија побара од 12 општини да престанат со активностите за подготовка и организација на локални референдуми за мигранти се до изјаснувањето на Уставниот суд.

Ова се однесува на: Кочани, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Неготино, Велес, Битола, Прилеп,Радовиш, Охрид, Аеродром и Гази Баба каде советите донесоа одлуки за одржување референдуми во ист ден кога и локалните избори, а чии одлуки, пак, беа стопирани од Инспекторатот за локална самоуправа.
Државниот инспекторат за локална самоуправа на 20 септеври изврши вонреден инспекциски надзор во 12-те општини и донесе одлука да ги запре решенијата за организирање локални референдуми во општините за мигрантите на денот на локалните избори, 15 октомври, како и да поведе постапка пред Уставниот суд за утврдување на законитоста на тие одлуки.
Како што информира Државниот инспектор за локална самоуправа Рахим Муслиу, решение досега е донесено за 12 општини кои доставиле до Инспекторатот извештај од јавното општинско гласило во кој е објавен референдум, а се очекува да бидат доставени уште две.
– На 20 септември Инспекторатот изврши вонреден инспекциски надзор во општините Кочани и Штип, а на 21 септември во Гевгелија, Кавадарци, Неготино и Велес. Уште шест општини донеле одлука за референдум на локално ниво и го известиле Инспекторатот за објавување. Тоа се Битола, Прилеп, Радовиш, Аеродром, Гази Баба и Охрид, а се очекува вакви известувања да достават и општините Карпош и Ѓорче Петров, рече Муслиу.
Одлуката ќе биде доставена до Министерството за локална самоуправа, државниот секретар за локална самоуправа и до градоначалницитге и советите на 12 засегнати општини, а градоначлниците ќе имаат обврска да ги известат и општинските изборни комисии.
Државниот инспекторат за локална самоуправа, како што кажа нејзиниот директор Рахим Муслиу, ги запре решенијата за референдуми на советите бидејќи никаде во Законот не е наведено дека општините имаат надлежност за мигрантите и за нивното населување во локалната самоуправа.
Според опозицијата, до крајот на годината се претпоставува дека во земјата ќе пристигнат 3.500 емигранти, додека следната година прогнозата е дека нивниот број ќе биде од 5.000 до 7.000. Доколку би се реализирала националната стратегија и Акцискиот план за интеграција на странци и бегалци на Владата на Зоран Заев, мигрантите би претставувале реална закана за Битола, Радовиш, Охрид, скопската населба Ѓорче Петров како и останатите општини во кои ќе се смени комплетно составот на населението со населување на овие лица.
Владата на СДСМ не се откажува од планот за градење на згради за нив во 17 општини низ Македонија: Охрид, Куманово, Кавадарци, Битола, Прилеп, Кочани, Радовиш, Гази Баба, Карпош, Ѓорче Петров, Центар, Аеродром, Неготино, Дојран, Богданци, Гевгелија и Штип.
Според Министерството за труд и социјална политика, државата не планира градење на згради за бегалци. Се работи за документ-план каков што постоел и во времето на владата на ВМРО-ДПМНЕ (2006-2016), во кој исто така се спомнуваат згради и вработувања за бегалци.