И Грција ќе прави инспекција на македонските учебници по историја!?

Амбиентот на подготовките на официјална Атина за продолжување на преговорите со македонскат влада е како сад под притисок.

Грчката влада преку својот министер Коѕијас од петни жили се труди да создаде набој што секојдневно расте и само што не експлодирал. Тие секојдневно го засилуваат пресингот над јавноста и над страните инволвирани во процесот, со амбиција дека во разговорите за името всушност ќе ги вметнат и јазикот, државјанството, акронимите, а сега и ревизија на македонските учебници
Никос Коѕијас во интервју за државната ЕРТ откри нови детали за, според него, заеднички зафати за справување со недовербата помеѓу Македонија и Грција. Коментирајќи ја средбата во Њујорк со својот македонски колега, Коѕијас за утринската програма на националната ЕРТ рече дека разговарале за преземање одредени мерки за справување со иредентизмот и недовербата од двете страни. И тоа од ноември годинава ќе биде формирана заедничка комисија која околу 4 месеци ќе ги разгледува учебниците од Република Македонија. Комисијата ќе има мандат да ги лоцира, а потоа во соодветна процедура да ги отстрани мапите и другите елементи на иредентизам што биле присутни во овие дидактички материјали. И тоа само во македонските учебници!?
- Спорот за името во заднината крие еден проблем со иредентизам. Се надевам и верувам дека ќе постојат мерки од нивна страна за ограничување на иредентизмот. На пример, во Њујорк се согласивме со доста интересната личност - со министерот за надворешни работи на соседната земја, со господинот Николас Димитров - дека ќе направиме заедничка комисија од ноември, која ќе работи четири месеци и која ќе ги разгледа учебниците за да се отстранат иредентизмот и мапите што постојат. Тоа е еден важен чекор што го направиме, но постојат и други за кои преговараме - објасни шефот на грчката дипломатија.
Никос Коѕијас коментираше дека се чека да поминат локалните избори кај северниот сосед, но и вториот круг доколку биде потребно, па потоа, како што истакна, владата во Скопје ќе треба да оцени дали се зајакнува или не и, соодветно со тоа, како што рече, „да покаже дали сака и дали може суштински да преговара за решение на спорот за името".
Шефот на грчката дипломатија првпат јавно ја коментираше и Времената спогодба меѓу Македонија и Грција, за која рече дека има свои недостатоци, особено во делот посветен на интеграцијата на Македонија во меѓународните организации. Тој не испушти да спомене дека членството во НАТО и во ЕУ ќе дојде само по решение на името.
- Нашата соседна, пријателска земја, како што велам јас, затоа што нашите народи имаат доста пријателски односи, не може да се интегрира во меѓународна заедница од овој тип како што се НАТО и Европската унија без да биде решено прашањето за името, во согласност со тоа што го налагаат договорите од 1990-тите, но и Времената спогодба налага да се реши. Слабата точка на Времената спогодба беше дека претпоставуваше оти името брзо ќе се реши и затоа даваше можност соседната земја да бара прием во меѓународни организации. И не предвидуваше кои мерки ќе се преземат доколку соседната земја не преговара суштински, затоа што сите овие децении не преговараше - рече Коѕијас во интервјуто за утринската информативна емисија на грчката ТВ ЕРТ.