„Напредок на Македонија е можен само со Груевски на чело на Владата“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски им беше домаќин во Охрид на премиерот на Унгарија Виктор Орбан и на поранешниот премиер на Словенија Јанез Јанша.

Двајцата гости му искажаа целосна поддршка на Груевски - да победи на локалните и на парламентарните избори кои ВМРО-ДПМНЕ би ги побарала веднаш потоа.
- Нам ни се потребни приказни за успехот. Додека Никола Груевски беше на чело на оваа држава, Македонија беше една успешна приказна. Македонија ќе може да стане членка на ЕУ само во случај ако оваа приказна за успехот продолжи, доколку националниот доход, економијата и натаму расте. На тој начин ние ќе добиеме можност да застанеме зад вас, зад вашето членство и да докажеме дека вашиот прием ќе биде успех за сите нас, изјави унгарскиот премиер Орбан.
Претходно, висока делегација составена од раководството на ФИДЕС - партијата на Орбан, присуствуваше на митинг на ВМРО-ДПМНЕ и даде отворена поддршка за Груевски како единствена алтернатива за развојот и напредокот на државата.
Орбан допатува со специјален лет и во Македонија престојуваше неколку часа.
Во Македонија на малку подолг престој допатува и поранешниот словенечки премиер и лидер на најголемата партија во Словенија (СДП) Јанез Јанша.