Кој ќе се кандидира за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ?

Оставката на Груевски и одлуката за свикување на нов партиски конгрес официјално ја отвори и трката за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Официјални кандидатури се уште нема, но во јавноста се профилираат неколку имиња.

Антонијо Милошоски е роден во Кичево и има 41 година. Тој е доктранд на политички науки на универзитетот во Дуисбург, Германија. Има богата политичка и партиска биографија. Во неколку мандати бил пратеник во Собранието а претходно работел и како шеф на кабинетот на тогашната вицепремиерка Доста Димовска и како портпарол на Владата. Во ерата на Груевски Милошоски беше и министер за надворешни работи во чиј мандат се оствари победата на Македонија над Грција во процесот кој го поведе пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Важи за политичар со десничарски ставови. Член е на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во последните 12 години.
Илија Димовски има 37 години, потекнува од Велес и по професија е правник. Најголем дел од својот политички стаж го минува како пратеник во Собранието, каде во последните мандати е задолжен и да ја координира пратеничката група. Немал функција во извршната власт. Во партијата со години е член на Извршниот комитет. Најмлад е меѓу кандидатите чии имиња се поврзуваат со трката за избор на нов лидер. Поседува исклучителни пропагаторски вештини а долги години го раководеше партискиот Центар за комуникации. Го нарекуваат "вмровскиот Гебелс".
Никола Попоски е дел од новите лица во ВМРО-ДПМНЕ. Има 40 години и роден е во Скопје. Има две магистратури: на Скопскиот универзитет и на колеџот во Бриж, Белгија. Голем дел од својата професионална кариера ја поминал во странство а во 2010 станува амбасадор во Брисел. Година дена подоцна е избран за министер за надворешни работи, а во 2016 и за вицепремиер. Важи за умерен десничар.
Христијан Мицкоски е актуелен генерален секретар на партијата е дел од новиот бран во ВМРО-ДПМНЕ. Пред актуелната функција немал позначителни партиски функции иако е дел од партијата повеќе од 14 години. Има 40 години и е доктор на технички науки на Машинскиот факултет во Скопје. Тој е единствен кој има техничко образование меѓу можните кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Во моментов е и член на Советот на Град Скопје, а претходно беше генерален директор на државната ЕЛЕМ.
Александар Пандов во последните неколку години повеќе делуваше во граѓанскиот сектор иако на крајот од деведесеттите бил член на највисоките партиски тела и пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Роден е во Скопје и има 46 години. Завршил Филозофски факултет.
Во јавноста е познат како политички аналитичар со цврсти десничарски ставови кој жестоко ги бранеше политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Беше еден од организаторите на Граѓанското движење за одбрана на Македонија. Не извршуваше никакви државни функции.
Во 2001 го прекина пратеничкиот мандат, облече униформа и се приклучи кон безбедносните структури во тогашниот конфликт.
Филип Петровски е роден во Куманово и има 45 години. По образование е доктор на филозофски науки. Во јавноста се профилираше во 97-мата како организатор на студентските протести. Извршувал серија државни функции меѓу кои и пратеник во Собранието и македонски конзул во Њујорк. Неговата политичка биографија бележи серија партиски трансфери. Во 2009 стана дел од партијата на Љубе Бошкоски и ја извршуваше потпретседателската функција во Обединети за Македонија. Само една година подоцна Петровски си заминува од ОМ и ја формира партијата Демократска десница која требаше да делува како опозиција за ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2011 година. По лошите резултати на изборите Петровски се враќа во ВМРО-ДПМНЕ каде што добива позиции во третиот ешалон (директор на градската библиотека во Скопје, директор на Државниот архив на РМ).