Груевски се пожали: Неделно по три-четири пати сум во суд

Никола Груевски, Миле Јанакиески и Владимир Пешевски, како и останатите обвинети во случајот „Траекторија" во понеделникот во 10 часот седнаа на обвинителна клупа, но рочиштето се прекина по еден час бидејќи на Груевски и Јанакиески во 11 часот требаше да им се суди за "Шлаканиците во Центар".

Груевски изјави дека станува збор за малтретирање на сите нив, за политички прогон од обвинителство кое е политички формирано.
- Имаме селективна правда. Ни се закажуваат по две рочишта во еден ден, секоја недела по три - четири пати сме во суд. Судот е под притисок кон нас да постапува како кон луѓе кои мора да бидат осудени, а од друга страна судењето на Заев не може да почне две години - посочи Груевски.
За време на тој еден час, адвокатите на обвинетите бараа од судот да им дозволи увид во таканаречените бомби, кои СЈО ги користи како доказ, но тие досега немале можност да ги слушнат. Тие инсистираа дека главната расправа не може да започне се додека не ги преслушаат разговорите по што би можеле да спремаат квалитетна одбрана.
Обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова, објасни дека во овој предмет како доказ се користат 315 „бомби", кои како што рече ги доставила само до судот бидејќи поголемиот дел од нив јавноста не била во можност да ги слушне, па стравувале дека доколку ги дадат и на одбраната, истите можат да се злоупотребат, односно да се разможат или да се интервенира во нив.
Адвокатите по ова образложение на обвинителката истакнаа дека се фрапирани и навредени, па посочија дека по логиката на обвинителката се создава сомнеж дека некој веќе можеби и интервенирал во доказите.
Таа посочи дека обвинетите и нивните адвокати имале можност овие снимки да ги преслушаат за време на предистражната и истражната постапка во просториите на СЈО, но тие одбиле, поради што добиле само транскрипти од телефонските разговори.
Адвокатката Светлана Савиќ истакна дека таа од судот побарала да ги слушне овие разговори, меѓутоа добила одговор дека за тоа во судот не постои техничка можност, па затоа извршила само увид во транскриптите, а во кои недостасувале транскрипти за четири или пет разговори.
Судијата Горан Бошевски посочи дека за овој предлог на одбраната ќе се произнесе на следното рочиште. Судењето за „Траекторија" продолжува на 26 декември.