МАКЕДОНИЈА 2025: Дијаспората и економскиот напредок

Во палатата Кајзерхаус во Виена, организацијата Македонија 2025 одржа прием чија цел беше да се зближат и запознаат претставници на професионалната македонска дијаспора од Европа и да се промовираат можностите за инвестирање и соработка во Република Македонија.

На приемот присуствуваа повеќе од 100 гости и говорници кои исполнуваат важни функции во светски институции, банки, финансиски и осигурителни друштва, како и претставници на домашни компании и странски инвестиции во Македонија.
Настанот го отвори ко-основачот на Македонија2025 и успешен претприемач од Канада со македонско потекло, Џон Битов помладиот. Тој го потенцираше развојот на организацијата во една од водечките која работи во полза на економскиот напредок на Република Македонија.
„Во дијаспората има голем број луѓе што се инспирирани да почнат компанија во Република Македонија или да направат поинаков, нематеријален придонес. Сите знаеме дека инвестирањето не е едноставен про­цес, но кога се работи за оваа земја вреди да се искористат нејзините потенцијали и вреди да се придонесе во професионалниот развој, за што постојат многу начини. Знам дека присутните се мотивирани да придонесат и ги поканувам сите да ги истражуваат можностите за соработка и придонес во Република Македонија”, рече Битов.
Потребата од поголемо вклучување на Република Македонија во европската економија, како и поголема професионална и деловна соработка, беше истакната и од двајцата истакнати говорници на настанот, Михаел Краус – основач на финансиската куќа Донау Финанц и Марко Мантованели – менаџер на Светската банка за Македонија и Косово. Тие беа едногласни во заклучокот дека во Република Македонија има потреба од натамошно развивање на производствените капацитети, подобрување на деловните вештини и познавања, како и зголемување на соработката на компаниите во земјата со партнери во други земји.
Приемот во Виена беше одраз на деловните односи помеѓу Македонија и Австрија кои траат повеќе од 20 години.
Со цел да се прошири добрата соработка, на настанот се одржаа и три панел дискусии на кои беа претставени можностите за инвестирање во Македонија од перспектива на инвеститори, беа претставени ус­пеш­ни македонски приказни во бизнис светот глобално, а се разговараше и за потребата од формално и неформално конструктивно промовирање на Македонија пред светот. Организаторот искажа особено задоволство од интересот на претставници на професионалната дијаспора кои потекнуваат од Македонија, како Роберт Арсов, Вахит Алили, Кирил Савовски, Лоран Пејчиновски, Снежана Живчевска, професор Владо Димовски кои на крајот на настанот зборуваа за важноста да се враќа назад кон татковината, соопшти Македонија 2025.

Останати вести