ВАЦЛАВ КЛАУС: Дојде време Чесите да се подготват за излегување од ЕУ

Поранешниот чешки претседател Вацлав Клаус рече дека е време Чесите да почнат да се подготвуваат за излегување на нивната земја од Европската Унија.

Клаус го изјави ова по одлуката на Европската комисија да ги тужи Полска, Унгарија и Чешка затоа што одбиваат да примаат бегалци, и рече дека ваквата одлука јасно ги покажува намерите што ги има Европа за Чешка.
„Принципиелно и одлучно протестираме против одлуката на ЕУ за почнување постапка за т.н. непримање на имигранти врз основа на наметнатите квоти од страна на Брисел. Протестираме поради обидите да не казнат и да не натераат да бидеме послушни", рече поранешниот шеф на државата.
Своевремено најгласниот евроскептик меѓу шефовите на држави и влади на ЕУ, Клаус рече дека постапката поради непочитувањето на законската регулатива на ЕУ јасно покажува што навистина замислува Европа со Чешка.
„Го отфрламе аргументот дека мораме да бидеме на маса, дека мораме да бидеме присутни кога се донесуваат одлуки, дека мораме да бидеме во сржта на Унијата. Ние сме присутни и сега во процесот на донесување на одлуки во ЕУ, но ние не одлучуваме. Гласот на Чешка да се игнорира. Грантовите од фондовите на ЕУ не ни се потребни и не ги сакаме", рече Клаус.
Единствениот спас за Чешка, Вацлав Клаус го гледа во „чегзит", кој сепак Чесите не го сакаат.
Иако се најголемите евроскептици во регионот, според истражувањето на ЦВВМ во јуни, доверба во ЕУ има само кај 32 проценти од Чесите, додека 60 проценти одбиваат Чешка да ја напушти ЕУ, со оглед дека, секако, треба да остане во неа.
„Дојде време да се подготвиме за заминување на нашата земја од ЕУ, тоа е единствениот начин да се спаси и опстанокот на нашата земја кои ја наследивме од нашите предци и имаме обврска да ја предадеме на следните генерации", рече Клаус.
По одлуката на Европската комисија да почне со постапка против Полска, Чешка и Унгарија, поради тоа што тие апсолутно одбиваат да учествуваат во механизмот на преместување на бегалци од земјите кои се под најголем притисок, како што се Италија и Грција, чешките функционери денеска повторија дека, без оглед на заканата за казна, немаат намера да примаат бегалци според квотите, иако не оспоруваат дека се обврзани на тоа.
„Солидарност не значи да ги повторуваме истите грешки. Можеме да бидеме лицемерни и да водиме политика на Потемкин - да ги земеме сите овие луѓе, тие и онака ќе избегаат на друго место, а ние да се преправаме дека сме ги исполниле нашите ветувања. Не сакаме да водиме ваква политика", изјави чешкиот министер за надворешни работи Љубомир Заоралек и механизам на преместување на бегалци го нарече „Потемкиново село".