Што му се случува на телото по само еден тренинг?

Луѓето кои редовно вежбаат имаат значителни подобрувања на психофизичкото здравје, но што се случува кај оние кои штотуку го завршиле нивниот прв тренинг? Во зависност од тоа кој тип на вежба се прави, телото поминува низ многу промени.

Некои од нив вклучуваат подобрена ефикасност на кардиоваскуларниот систем, зголемена ефикасност на метаболизмот, зголемување на мускулната маса, намалување на масните наслаги и др.
Еве што му се случува на телото по само еден тренинг:

Подобрена извршна функција на мозокот

Еден тренинг влијае на физиологијата на скоро целиот мозок. На пример, ја зголемува активноста во префронталниот кортекс, регион на мозокот кој е „дом" на центрите за работна меморија и внимание. Иако причините за тоа не се дефинитивно утврдени, научниците претпоставуваат дека причина за тоа се неврохемикалиите како допаминот кои се зголемуваат со вежбањето, а се врзани со понапредните функции на мозокот. Исто така, вежбањето го зголемува нивото на лактат (млечна киселина) во крвта, кој мозокот го користи како енергија.

Подобрено расположение и помалку стрес

Вежбањето го зголемува нивото на трите клучни хемикалии во телото: серотонинот, допаминот и норадреналинот. Овие три невротрансмиери се поврзани со подобрувањето на расположението и антидепресантите кои се пијат всушност пробуваат да ги зголемат токму нивните нивоа.

Влијанието на вежбањето врз стресот исто така е огромно – дури и една тренинг сесија може да поттикне ослободување на кортизол, што потоа ја намалува реакцијата на него кога тој се лачи при стресни ситуации.

Превенција и регулирање на болести

Зголемувањето на нивото на невротрансмитерите по вежбањето може да помогне во борбата со депресијата, како и со регулирање на дијабетесот.

Зголемена креативност

Нови докази сугерираат дека вежбањето ја зголемува креативноста. Хипокампусот кој порано се сметало дека само ги регулира сеќавањата од минатото, сега се претпоставува и дека е клучен за замислување на иднината. Поради тоа, дури и една тренинг сесија може да влијае за зголемување на имагинацијата а со тоа и креативноста.