Од преголема грижа дедовците и бабите имаат негативно влијание на внуците

Резултатите од новите истражувања од Универзитетот во Глазгов покажаа дека дедовците и бабите имаат негативно влијание на здравјето на внуците.

Истражувањето е направено врз основа на 56 студии спроведени во 18 земји, а објавено во магазинот PLOS One. Резултатите покажуваат дека дедовците и бабите често прекумерно ги хранат децата што е штетно за нивното здравје.

Наведуваат дека позитивно е што децата јадат домашно приготвени јадења, но истакнуваат дека тој оброк е направен од нездрави намирници.

Исто така, повеќето ги изложуваат на пасивно пушење, што понатаму може да доведе до развој на рак. Истражувачите велат дека дедовците и бабите имаат добри намери кога на децата за награда им даваат чоколадо, но тоа не е добро за нивното здравје.

„Со оглед на тоа дека пушењето и гојазноста се два најголеми предизвикувачи на рак во Велика Британија важно е целото семејство да разговара и заедно да работи на можни решенија. Ако здравите навики почнат во рано детство лесно ќе продолжи понатаму", вели Линда Болд од Институтот за истражување на рак во Британија.

Актерката Мoрин Липман има две внучиња, а во разговор за BBC вели дека работа на бабите и дедовците е да ги размазат внуците. Таа вели дека има разлика од бабите и дедовците кои ги гледаат секој ден внуците и оние кои ги гледаат само за викенд.

„Ако сте со нив секој ден, ќе ги третираат како свои деца, ако ги гледате еднаш седмично, тогаш ќе бидат премногу грижливи", вели Липман.

Според резултатите од студијата нивото на физичка активност е поврзан со тоа дали бабата и дедото се активни и дали постоел простор во кој децата можеле да бидат активни.

Водителката на проектот вели до сега само родителите биле во фокус на влијанието на децата, а добро е што се вклучени и баби и дедовци затоа што тие се голем дел од животот на детето.

Научниците велат дека ова истражување покажува дека улогата на дедото и бабата имаат голема важност во животот на децата и треба да биде препозната и поддржана.