Запре ли со производство фабриката за чипс?

Кога Горданчо Мирчевски, иселеник од Перт, кон средината на јануари годинава го означи почетокот на производство на битолски чипс во новоотворената фабрика во Кравари беше пресреќен и горд што конечно се оствари неговиот животен сон да се врати и да инвестира во родното место.

Но само по два месеца од стартот пред камерите за производството на чипс, во кое на почетокот биле вклучени 40 работници, Мирчевски се соочи со реалност, за која го опоменуваа многумина во Австралија пред да се реши да инвестира во Македонија. И покрај тоа што поминаа неколку месеци откако Мирчевски побарал да се изгради трансформатор со поголема моќност, засега нема решение за овој проблем, што го отежнува работењето на фабриката, односно го попречува нормалното производство на чипс. Овој проблем велат од „Стиза" е причина во почетокот да се преполови бројот на вработените на помалку од 20, а подоцна и да запрат машините за производство на чипс. Разочаран од тоа што го доживеа, Мирчевски пред извесно време заминал за Австралија, каде што, според неофицијални информации, ќе останел најмалку два-три месеци во Перт за да се погрижи за тамошниот бизнис од неговата компанија која разнесува купена храна од локалниот супермаркет до домовите на купувачите.
Во отсуство на сопственикот на фабриката, Горданчо Мирчевски, управителката на фабриката Дијана Митревска за весникот "Нова Македонија" вели дека откако сопственикот на фабриката се одлучил да ја реализира оваа инвестиција и од банката го купил погонот во Кравари, кој бил во стечај, ги презел сите мерки за почеток на производството.
- Ние бевме свесни дека со тој трансформатор, кој, патем речено, е ничиј и нема сопственик, не ќе можеме да работиме. Затоа уште минатата година поднесовме барање за негово појачување или изградба на нов. За тоа плативме и аванс од 25 отсто од неговата вредност. Но, и покрај сите наши заложби, проблемот не се реши. Ни ние самите не знаеме точно колку пати сме барале од ЕВН да се реши овој проблем, но, и покрај нивната добра желба, тоа постојано се одложува. Најпрво наводно поради немањето детален урбанистички план, потоа поради тоа што не се знаело чиј е сегашниот трансформатор, а сега и поради тоа што не можело да се донесе далновод бидејќи на овој дел каде што е фабриката поминува регионалниот пат за Грција и моментно во непосредна бли­зина се изведуваат работи на „Македонските железници" за изградба на железничката пруга за Лерин - вели Митревска.
Благодарение на разбира­њето на соседот на „Стиза", фабриката за производство на чипс досега работеше со позајмена струја, кој му дозволи на Горданчо Мирчевски да постави контролно броило и да се приклучи на неговиот саат.
Но бидејќи капацитетот на трансформаторот е лимитиран, двете фабрики не можат да работат во исто време, бидејќи поради нискиот напон доаѓа до чести испаѓања на електричната мрежа.
За да се надмине овој проблем сопствениците на двете фирми се договориле кога едниот работи, машините на другата фабрика да мируваат.
Од ЕВН велат дека и тие се залагаат да најдат решение за овој проблем, со кој е запознаен и министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлевски, но, за жал, засега нема решение.
Инвестицијата „Стиза" беше најавена и отворена во откажаните предвремени избори што требаше да се одржат во април лично од тогашниот премиер Никола Груевски, во која требаше да работат над 100 лица, и тоа во три смени, а битолскиот чипс произведен по австралиски рецепт да се продава не само во Македонија туку и на пазарите во Европа и во Австралија.

Н.М.

На отворањето на ”Стиза” пратеникот Васко Наумовски, градоначалникот Владимир Талевски, поранешниот премиер  Никола Груевски со сопственикот Горданчо МирчевскиНа отворањето на ”Стиза” пратеникот Васко Наумовски, градоначалникот Владимир Талевски, поранешниот премиер Никола Груевски со сопственикот Горданчо Мирчевски