Во Преспа, Голо Брдо и Гора нема Бугари, туку само Македонци

Македонското друштво „Илинден" од Тирана, заедно со огранокот на Друштвото за Голо Брдо, најостро го осуди Извештајот за напредокот на Албанија за членство во ЕУ, усвоен од Европскиот парламент.

Осудата се однесува особено за делот каде што по предлог на бугарските европратеници Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски, Македонците во областите Голо Брдо, Мала Преспа и Гора се наведуваат како Бугари, со препорака тие да бидат вклучени во законодавството на земјата и да бидат гарантирани во практиката на Република Албанија.
„Македонското друштво „Илинден" од Тирана и Огранокот за Голо Брдо, повторуваат дека Бугари во Албанија и во регионите Преспа, Голо Брдо и Гора, нема. Потсетуваме дека на целата територија на Република Албанија, и посебно во регионите Преспа, Голо Брдо и Гора не живеат Бугари, туку само Македонци. Од албанската и од македонската влада бараме да испратат остар демарш до Брисел и Софија за нотификацијата на лажна бугарска историја во европските службени документи и за преименувањето на Македонците во Албанија за Бугари", стои во соопштението на Македонско друштво „Илинден".
За „Илинден" извештајот за напредокот на Албанија за членство во ЕУ, особено делот за Македонците како Бугари, е груба повреда на ме­ѓу­народното право, Универзалната декларација за човековите права и слободи и Повелбата на Обединети нации. Истовремено, како што се додава во соопштението, Македонското друштво „Илинден" и Огранокот за Голо Брдо апелираат до Брисел за активни мерки против „денационализаторската политика што веќе неколку години организирано ја води Софија со незаконско издавање на бугарски државјанства на Македонците во Албанија".
Европскиот парламент ус­вои резолуција за Албанија во која се потврдуваат правата на „бугарското население во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора". Оваа резолуција за Албанија е донесена по предлог на бугарските европратеници Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски.
„Бугарското национално малцинство во Албанија е историски факт, а неговото признавање од страна на Европскиот парламент во никој случај не е антимакедонски чин", изјави за МКД.мк бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.
На ова реагираше Европската слободна алијанса (ЕФА) со изјава дека Бугарија преку Албанија сака да си ја протурка агендата за непостоење на македонскиот народ.

СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС (СМК): Скопје мора да испрати демарш до Брисел и до Софија за преименувањето на Македонците во Албанија во Бугари

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) најостро го осудува извештајот за напредокот на Албанија за членство во Европската Унија, усвоен од Европскиот Парламент, во делот каде што по предлог на бугарските европратеници Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски, Македонците во областите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора „се потврдуваат како Бугари", со препорака „тие да бидат вклучени во законодавството на земјата и да бидат гарантирани во практика на Република Албанија".
Повторуваме дека во Албанија и во регионите Преспа, Голо Брдо и Гора нема Бугари, соопшти СМК . „Таму живеат само Македонци. Македонците во Албанија не се Бугари! Софија продолжува со политиката на антимакедонизам, како официјална политика за негирање на македонскиот народ по сите основи и за влошување на добрососедските односи со Македонија. Од македонската Влада бараме да испрати остар демарш до Брисел и Софија за нотификацијата на лажна бугарска историја во европските службени документи и за преименувањето на Македонците во Албанија за Бугари".
За СМК со овој извештај се прави груба повреда на меѓународното право, на Универзалната декларација за човековите права и слободи и Повелбата на Обединетите Нации за геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото.
СМК апелира до Брисел да преземе активни мерки против денационализаторската политика што веќе неколку години организирано ја води Софија со незаконско издавање на бугарски државјанства на Македонците во Албанија и во Македонија, со услов писмена декларација за „бугарско" потекло.
СМК упати и апел до сите Македонци да се откажат од бугарскиот пасош поради ризик од декларација за „бугарско потекло" со импликации кои се неизбежни, а неприфатливи за идентитетската основа и за македонската нација и држава во целина!