Џесика Стојковска на чекор до победа во Кингсли

Изборите во Западна Австралија завршија и на нив гласачите сурово ја казнија владејачката партија на Колин Барнет. Либералите после овој пораз сигурно неколку изборни циклуси сега ќе бидат во опозиција. Се уште се пребројуваат гласовите во некои места каде има мала разлика, сепак се предвидува дека крајниот резултат ќе биде 40 пратеници за лабуристите и само 19 за Либерал–националната коалиција.

Нашиот претставник Даме Крцовски кој се кандидира како либерален кандидат загуби на овие избори. Од друга страна македонската снаа за која пишувавме Џесика Стојковска по се изгледа успеа да изненади и освои место во парламентот со сега владејачката лабуристичка партија.
Таа после распределбата на преференците води со нешто над 300 гласови повеќе од либералниот кандидат.
Џесика Стојковска е по потекло Ирка мажена за Македонец што живее во Перт. Таа е венчана во македонската православна црква „Св. Никола" во Перт и мајка на две деца, Надја (7 години) и Кристијан (кој е само 14 месеци). Благодарение на нејзиниот сопруг делумно се чуствува како Македонка, на што е пособено горда и благодарна.
Причината поради која се кандидираше на изборите е владејачката партија заборави на фамилиите во предградијата на Перт додека трошат пари и градат споменици околу нив и околу центарот во Перт.
Исто така е инспирирана од лидерот на лабуристите, Марк МекГоуан како фамилијарен човек, дека ги разбира работите и е подготвен да направи многу за подобра Западна Австралија.
Таа сега ќе биде претставник не само на Кингсли туку и на целата македонска заедница во Перт. Дознаваме дека за време на викендов таа остварила контакт со амбасадорот Веле Трпевски од каде добила честитка за успехот.