ФРОДЕМ бара воспоставување дипломатски односи со Македонија од 19 земји

Здружението Фронт за демократска Македонија (ФРОДЕМ) во соработка со професорот д-р Игор Јанев испрати мејлови и писма до шефовите на 19 држави во светот, како и до нивните дипломатски мисии при ОН кои сè уште немаат воспоставено дипломатски односи со Република Македонија.

Целта на барањата на ФРОДЕМ и на Јанев е да се заокружи процесот на признавање и воспоставување дипломатски односи со сите држави во светот, членки на ООН.
Барањето за воспоставување на дипломатски односи е упатено до: 1. Република Грузија, 2. Република Тунис, 3. Република Либан, 4. Република Мали, 5. Република Јужен Судан, 6. Република Сан Марино, 7. Бахамските острови, 8. Барбадос, 9. Гренада, 10.Палетина, 11. Тринидад и Тобаго, 12. Кук островите, 13. Република Кирибати, 14. Ниуе, 15. Република Палау, 16. Папуа Нова Гвинеа, 17. Соломонските Острови, 18. Кралство Тонга и 19. Сент Китс и Невис, соопшти ФРОДЕМ.
Од вкупно 192 земји членки на Обединетите нации, денес Македонија под уставното име е призната од 134 држави во светот, членки на ООН, а со повеќе од 170 Македонија има дипломатски односи. Соединетите Американски Држави, Руската Федерација и Кина се три постојани земји членки на Советот за безбедност на ООН кои ја признаа Македонија под нејзиното државно и историско име!
Инаку, Јанев е шеф на постојаната мисија на Светскиот македонски конргес при Обединетите Нации.
„Се надеваме дека оваа иницијатива на Светскиот македонски конгрес ќе го поттикне активитетот на Министерството за надворешни работи на Македонија да го заокружи процесот на воспоставување на дипломатски односи со сите држави во светот, кои се истовремено членки на Обединетите Нации", изјави претседателот на СМК, Тодор Петров.